Во време кога Македонија секојдневно руши црни рекорди на починати и заразени од коронавирус, само на СДСМ и ДУИ им е до избори.
Народот живее во голем страв, а партиите на Заев и Ахмети имаат за цел да ги турнат штипјани во уште поголем ризик и во ваква опасна ситуација да го стават партискиот интерес пред здравјето на секој поединец.
Но, СДСМ и ДУИ остануваат осамени во намерата за корона избори во Штип и Пласница.
Имено, останатите партии, почнувајќи од ВМРО-ДПМНЕ, а по нив и помалите, нема да земат учество на овие ризични избори.
ВМРО-ДПМНЕ бара одложување на вонредните локални избори во Штип и во Пласница, поради загрижувачките бројки на нови случаи на коронавирус во земјата. Но, власта немаше слух за ова барање и покажа дека корона избори се нивни приоритет.
СДСМ и Љупчо Николовски ги множат штипјани со нула и воопшто не ги интересира здравјето на граѓаните, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Љупчо Николовски дека и покрај барањата на опозицијата за одложување, сепак, ќе се одржат избори за градоначалник на Штип.
-Тие се опасност за здравјето на граѓаните во Штип. Да се има избори во Штип значи нови заразени и мртви во Штип од корона. Не постои нешто како сигурни избори и заштитено здравје. Или ќе има избори и многу заразени и мртви или ќе има одложени избори и заштитено здравје. Тоа што СДСМ е осамена во намерата за избори во Штип значи дека тие сакаат на мала врата по цена на здравјето на штипјани да ја сочуваат фотелјата на Бочварски и Заев. Наместо Николовски да глуми експерт по здравје нека земе да работи за борба против корупцијата која ја има во изобилие, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
И Левица е за одложување на изборите во Штип: Нема да учествуваме на избори во вакви луди услови
Димитар Апасиев, претседател на Левица и пратеник во македонското собрание во синоќешното гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, одговарајќи на новинарското прашање дали Левица ќе има кандидат на локалните избори во Штип, порача дека Левица нема да учествува на изборите.
Рече дека е лудо во време на пандемија да се организираат избори односно дека е ризично по јавното здравје.
-Пред два дена имавме презедиум и одлучивме дека нема да имаме кандидат бидејќи сметаме дека во време на корона е сулудо да имате избори, има ризици по јавното здравје и тоа е многу неиздржливо да правите избори за 8, 9 месеци до редовните избори во општина во која што веќе си добил градоначалник тоа е од СДСМ, вели Апасиев.
Алијанса и Алтернатива не поддржува организирање на избори во време на пандемија
Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари во ексклузивна изјава за News33.Tv изјави дека Коалицијата Алијанса и Алтернатива не поддржува организирање на вонредни локални избори во Штип и Пласница. Според него, во време на пандемија би било нелогично за седум месечен мандат да се прават непотребни трошоци.
Таравари оценува дека би било многу подобро да се именуваат вршители на должност градоначалници, како што е предвидено со законот за локална самоуправа, сè додека не се одржат редовните локални избори во 2021 година.
-Нелогично е дека, во време на пандемија, кога се соочуваме со висок ризик за јавното здравје за седум месечен мандат да организираме избори во две општини. Ние како коалиција сметаме дека не е разумно да се прават непотребни трошоци во време на криза и ништо конкретно не би се постигнало. Ние како коалиција, поддржуваме и сме поддржувачи на идејата дека во овие две општини треба да бидат назначени вршители на должност до редовните избори кои се веќе многу блиску, рече Таравари.
Тој вели дека тие, како коалиција, предлагаат во ова време кога имаме втор бран на пандемијата со коронавирусот, да не се прават дополнителни трошоци и да не се загрозува здравјето на граѓаните, затоа што секако за овој случај има законско решение кое може да го реши случајот.
-Коалиција Алијанса и Алтернатива предлага да не се прават непотребни трошоци и да не се загрозува здравјето на граѓаните, сега кога имаме втор бран пандемија, затоа што има законско решение за овој проблем, рече Таравари.
Глас за Македонија нема да учествува на предвремените локални корона избори во Штип
Како општествено одговорна партија, иако сме јавно предизвикувани да учествуваме на изборите, нашиот единствен одговор е: НЕ! Сметаме дека на уште едни “корона“ избори не треба да се настапува, иако имаме одличен кандидат. Тие нема да бидат ниту фер, ниту демократски, а најмалку безбедни, порачаа од партијата Глас за Македонија.
-И еден изгубен човечки живот поради оваа сложена операција, ќе биде доволна причина да не влегуваме во опасна авантура. Ако во Јули 2020 се велеше дека мора да се одржат предвремените парламентарни избори поради доаѓањето на вториот жесток бран на пандемијата, какво е оправдувањето токму среде тој бран да се одржуваат било какви избори?! Однесувањето на премиерот Заев, кој “мораше“ токму актуелен градоначалник да назначи за министер, го сметаме не само за неодговорно, туку и за директно загрозување на јавната безбедност, велат од партијата.
Тие оценуваат дека Македонија многу лошо се справува со епидемијата.
-Бројките на заразени, а посебно смртноста се меѓу највисоките во Европа. Болничките капацитети се полни, здравствените работници се на работ на издржливост. Влегуваме во нова, можеби најопасна фаза на пандемијата кога во целиот свет се воведува целосно или делумно затворање на цели региони, кога секој доктор и медицинска сестра се ставаат во функција на здравството. А кај нас се најавени избори, кои не мораа и не смеат да се случат. Затоа ги повикуваме Министерот за здравство, господинот Филипче и Комисијата за заразни болести да не потклекнуваат по втор пат пред политиката и да не дадат виза за оваа масовна операција. Во спротивно и нив ќе ги сметаме за соучесници во ширењето на заразата. Заради сето погоре кажано, Глас за Македонија никако нема да учествува на ниту едни избори кои се среде ваква опасна пандемија. Предвремени или редовни. Здравјето на граѓаните пред се и над се, порачаа тие.
На изборите најверојатно нема да учествува ниту партијата Единствена Македонија.
Решени да има ризични корона избори по секоја цена, СДСМ и ДУИ очигледно ќе останат сами во трката.
Во континуитет расте бројот на новозаразени од коронавирусот Ковид-19 во државава. Вчера се регистрирани 1275 заразени, а починаа 13 лица. Процентот на новозаразени од Ковид-19 во однос на тестирањата расте, односно 33, 37 и вчера 38 отсто.
На клиниките и болниците во државава, според вчерашните податоци на Министерството за здравство, хоспитализирани се вкупно 887 пациенти од кои 130 се на кислородна поддршка. Оваа состојба на исполнетост на капацитетите во последниве четири дена се зголемува за седум до 12 пациенти на дневно ниво.