Портал велес365 објави писмо од група сточари. Тие се жалат за откупот на јагнето оваа година, малата цена и немањето пазар. Причина за оваа состојба е Коронавирусот, отежнетата ситуација со извозот. Сточарите бараат брз одговор од надлежните, бидејќи како што велат, оваа сточарска гранка во велешко ќе изумре.
Почитувани граѓани, почитувани земјоделци, сточари.
Најнапред, со оглед на моменталната ситуација во нашата држава сакаме да кажеме дека се солидаризираме и се надеваме дека што поскоро ќе го надминеме и ова епидемија.
Но, исто така би сакале да ја споделиме и нашата мака и револт.
Како земјоделци- сточари се соочуваме со огромен проблем кој за нас значи пропаст и континуирано уништување на оваа гранка.
Имено во тек е откуп на јагне, но откупувачи нема, оставени сме на раб на егзистенција, јагнето како жива стока ја достигнува максимална килажа, а откупот ги достигнува последните рокови за извоз. Со самото тоа што немаме пласман, неколку пати апелиравме до Министерството за земјоделство да најдат решение.
Свесни сме дека најголемиот процент од откупено јагне се извезуваше во Италија, но заради ситацијата со корона вирусот станува многу тешко. Свесни сме за тоа, но исто така свесни сме дека министерството како институција е должна да ни обезбеди нови пазари за извоз…
Сите држави кои граничат со Македонија веќе откупот ги привршуваат со солидна цена по килограм жива мера.
Во Албанија е 4 евра за килограм, Бугарија е 7 лева за килограм.
Апелираме и сакаме да ја известиме целата јавност дека ако продолжи овој тренд да се занемарува сточарството како што се занемарува неколку години наназад јагниња и овци ќе можеме да најдеме и гледаме по зоолошките градини …
За крај за да ви ја прикажеме цела ситуација би сакале да ве известиме, а воедно и апелираме дека доколку ситуацијата остане непроменета, а имаме околу 15 000 јагниња во цел велешки регион за кои веќе е краен рок за извоз, не успееме да ги продадеме ќе се соочиме со огромни загуби од кои ќе бидеме приморани да се откажеме од оваа гранка.
Поздрав, Група сточари
Извор: veles365.com