Во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска попладне ќе се одржи седница на Советот за национална безбедност на која ќе се разговара за состојбата со коронавирусот во земјава. На седницата ќе присуствуваат и министерот за здравство и началникот на ГШ на Армијата.
Претседателот Пендаровски на прес-конференција во петокот најави дека ќе бидат разгледувани евентуалните опции за справување со опасноста од ширење на коронавирусот. Посочи дека има три опции кои на државата и стојат на располагање. Првите две што си наведе – ангажман на армијата без и прогласување кризна состојба, веќе се воведени и се применуваат во оштините Дебар и Центар Жупа, од каде се најголемиот број досега заболени.
Трета опција е прогласување вонредна состојба поради загрозување на здравјето на граѓаните од поголем обем, но шефот на државата рече дека според него, засега нема потреба од тоа, но, како што потенцира, допушта дека може да има и други информации и можеби ќе треба да се размислува како опција.
Се очекува на седницата да стане збор и за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Партиите до 22 март, како што најавија, ги ставија под мораториум теренските активности за изборите.
Претседателот на државата најавувајќи ја седницата на Советот за безбедност, истакна дека и ако се одложат изборите за месец или два тоа нема да биде пропаст на светот додавајќи дека евентуалната одлука за одложување на изборите треба да се донесе со консензус на сите политички страни.
Според него, може да се спроведе кампања на социјалните мрежи, но, како што рече, постојат категории на граѓани кои немаат пристап до социјалните мрежи.
-Според сите препораки од ОБСЕ и други организации, граѓаните мора да бидат добро, сеопфатно и целосно информирани за да донесат одлука на ден на избори. Јас имам резерва за денот на избори. На нашите парламентарни избори во просек гласаат милион луѓе на 3.000 гласачки места, со пет члена во одборите. Ден претходно се спроведува гигантска операција за пренос на материјалот и на крајот материјалот се предава на изборните комисии кога се калкулираат резултатите, рече Пендаровски.
Досега, како што додаде, во светот не се спроведени избори во ваков амбиент, освен во Израел, каде инфицираните гласаа на посебни гласачки места.
– Таму сите беа облечени со скафандери, имаше медицински тимови, но тоа беше направено за мала бројка на луѓе, рече Пендаровски.
Одговарајќи на новинарско прашање околу можноста за воведување вонредна состојба, шефот на државата рече дека ситуацијата е уникатна и оти нема случај за време на прогласена пандемија да се организираат избори.
Членови Државната изборна комисија вчера во пресрет на денешната седница на Советот за безбедност побара партиите и Владата да ја преиспитаат одлуката за изборите, бидејќи здравјето на граѓаните е пред се.
МИА