Како една од причините за денешниот протест на новинарите пред Владата на Република Македонија се навредите и заканите врз претседателот на здружението на новинари на Македонија Насер Селмани од страна на Беќир Асани, висок партиски функционер од ДУИ кој нападна службено лице – жена полицајка пред неколку дена само поради тоа што си ја вршела службената должност и повикала пајак служба да го крене возилот на Асани кое пак било непрописно паркирано, како и од неговиот брат.
Селмани кој јавно реагираше на нападот на Беќир Асани подоцна стана мета на закани и вербални напади од страна на Асани.
Во кратка изјава за вестите на Канал 5 телевизија Насер Селмани порача:
-Ние денеска излеговме на улица за да им кажеме дека ние новинарите не сме толку наивни за да поверуваме во приказна за мали деца. Дека заканите на Беќир Асани не се лично на Беќир Асани, туку на оние кои што стојат позади Беќир Асани и јас лично тие закани ги доживувам ако закани од Владата. И тука не може некој да ја изигра улогата на добриот и лошиот дечко во владата. Заканите јас ги доживувам како закани од владата и владата мора да најде начин овие насилници да ги стави под контрола, затоа што поинаку нема логика, вели Селмани.
Според него намерата на овие закани била многу едноставна. Како што рече тој ако успеат Насер да го замолчат, тогаш можат сите. Според него оваа закана не ја доживуваа лично само кон себе, туку и кон сите негови колеги новинари како и кон граѓаните.
-Ако се замолчат новинарите и медиумите тогаш замолчена е и јавноста, додаде тој.
Роберт Поповски кој е министер без ресор во владата на СДСМ денес излезе на протест пред владата и рече дека заканите врз новинарите и граѓаните се работа на истражување на јавното обвинителство, но Селмани јасно му порача:
-Очигледно вие не правите доволно за тој човек да се смири. Затоа ви кажувам врзете ги кучињата. Тоа се ваши кучиња и тие се луѓе дел од вашата коалиција. Нема оправдување за ова. Тие луѓе мора да се врзат, нагласи претседателот на ЗНМ.