среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Шоле ја одложи посетата на Скопје поради позитивен Ковид тест

Шоле ја одложи посетата на Скопје поради позитивен Ковид тест

Советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, потврди дека ја одложува посетата на Балканот, а во тие рамки и на Македонија, за по Нова Година, поради позитивен резултат на Ковид тест.

– Жалам што морам да го одложам моето патување на Балканот и во Брисел поради позитивен тест за Ковид. Ќе останам ангажиран по сите прашања во однос на регионот на Балканот, и со нетрпение очекувам патувањето да го направам на почетокот од наредната година, објави попладнево високиот американски дипломат на неговиот официјален твитер налог.

Шоле требаше в среда, како што првично беше најавено од Стејт депратментот, да ја посети Северна Македонија. Од Американската амбасада во Скопје, порано денеска, за МИА потврдија, дека посетата е одложена за по Нова Година, но без детали за причините за одлагањето.

Заедно со Шоле во Скопје се очекуваше да допатува и заменик-помошникот секретар во Стејт департментот и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој од вчера е во Косово.

Според првичната најава од Стејт департментот, Шоле во Скопје требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата, соопшти Стејт департментот.

Освен земјава, во програмата на Шоле од 11 до 17 декември, беа и посетите на Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Белгија.

– Оваа посета ја нагласува трајната посветеност на САД за мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, информираа од Стејт департментот.

Најнови вести