вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Сите манипулации на Заев околу масакрот кај Смилковско езеро- родителите се чувствуваат изманипулирани, бараат правда

Сите манипулации на Заев околу масакрот кај Смилковско езеро- родителите се чувствуваат изманипулирани, бараат правда

Премиерот Зоран Заев си поигрува со трагичната судбина на семејствата на свирепоубиените кај Смилковското езеро. Јавноста го осудува за манипулирање со овој настан кој ја потресе цела Македонија, а народот бара правда.

Изјавите на родителите на жртвите се срцепарателни, а односот на Заев кон нив сосема бесчувствителен.

За време на „бомбите“ и долг период после тоа, Заев тогаш лидер на опозицијата, а денес премиер, ја користеше дури и оваа трагедија за да собере политички поени. Во слепата битка за власт, Заев погази по чувствата на родителите кои загубија деца на најморбиден можен начин.

Денеска протест во 13 часот: Правда за жртвите од Смилковско Езеро

Со пораката „Правда за Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски и Борче Стевковски“ денеска во 13 часот ќе започне протест пред Основниот суд Скопје 2 во Скопје.

Првиот протест на „Правда за Монструм“ се одржа на 26 април, а граѓаните на тогашниот протест јавно му порачаа: „Спиеш ли мирно Заев. #Монструм“, „Правда за жртвите, затвор за монструмите“. „Колку субвенции земаа монструмите?“, „Заев, дали и ти ги сонуваш жртвите од Смилковско?“.

Ова беа само дел од пораките кои ги испратија граѓаните кои протестираа пред Судот барајќи правда за жртвите убиени кај Смилковското езеро во 2012-та година.

Родителите се чувствуваат изманипулирани од Заев, бараат правда

Горан Наќевски, таткото на Александар едно од убиените момчиња кај Смилковско Езеро на последното рочиште во судот истакна дека премиерот Зоран Заев на средбата со нив им покажал транскрипти од разговор меѓу Невзат Бејта и еден од обвинетите.

-На една од средбите, сегашниот премиер Зоран Заев ни кажа дека тие броеви се на пет функционери од ДУИ, а ни покажа и транскрипт од разговор воден помеѓу потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта со обвинетиот Фејзи Азири. Не ни ги даде транскриптите бидејќи ни рече дека ќе сторел кривично дело, но затоа бараме од судот да изврши претрес во СДСМ и да ги одземе овие документи. Бараме и Заев, ако треба и стражарно да се донесе во судница, па тука да се соочи со сите родители за да видите дека ја зборуваме вистината, рече таткото на Наќевски.

И мајката на свирепо убиениот Александар сведочеше за ваквите материјали кои им ги покажувал Зоран Заев.

– Се слушаше гласот на Фејзи Азири и непознатото лице: „Вечерва сонував лош сон. Сонував како му ги врзуваат рацете на момчето и плачев. Си велев, да не нè се израдувам, да не нè го завршам тој никаквец“, цитира Зорица Наќевска, мајката на Александар, дел од транскриптот од разговорите.

Ова само потврдува дека Зоран Заев прилично добро бил информиран за случајот „Монструм“, за сторителите, за јатаците и за контактите на обвинетите со функционерите на ДУИ како што е случајот со Невзат Бејта.

Тврдеше дека обвинетите неправедно се осудени

За време на “бомбите“ Заев јавно изјави дека има докази со кои ќе докаже дека осудените во „Монструм“ се неправедно осудени. Потоа кажа дека грешно бил разбран. Постојано повторуваше дека “бомбата“ за Смилковско ќе открие нова вистина за случајот. На секоја прес-конференција и на интервјуата добиваше новинарски прашања кога ќе биде објавена таа снимка и тој одговараше секогаш различно. Но, тврдеше дека ќе ја открие вистината. Потоа ги обвини новинарите дека “грешно го пренеле“.

-Најверојатно станува збор за погрешна интерпретација на самиот новинар, но секако големи сомневања се врзани за овој случај. Со обелоденувањето на вистината за Смилковското езеро или проектот на Владата „Монструм“, како што го нарекоа со кривичната пријава, ќе обелодени болна вистина, рече Заев во мај 2015-та.

Погледнете детали од тогашниот прилог на телевизија Телма.

Ги манипулираше и семејствата на обвинетите

Бејди Ајдари, брат на обвинетиот Фејзи Азири во случајот „Монструм“ побара од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, премиерот Зоран Заев стражано да биде спроведен во суд, за да даде изјава каква што им соопштил на семејствата на трагично загинатите кај Смилковско езеро.

– Господине министер, ако исполнувате желби, Горан Наќевски (еден од родителтите на трагично загинатите кај Смилковско езеро на 12 април 2012 год.) имаше една желба која беше јавна и искажана во судско рочиште во случајот „Монструм“, иако немаше рочиште бидејќи беше одложена по позната причина. Цитирам: „Барам премиерот Зоран Заев стражарно да биде спроведен во суд за да даде изјава онаква каква им соопштил на семејствата во неговиот кабинет“, така што сите ќе знаеме што им соопштил вашиот и наш премиер во овој случај, напиша Ајдари на својот Фејсбук профил.

Според него, симптоматично е што било соопштено дека Фејзи Азири бил преведен, а не стражарно обезбеден бидејќи тој не избегал од затворот, туку бил е пуштен на прекин од надлежните органи.

-Точно е дека Фејзи Азири не се вратил во рокот кој бил пропишан во Решението, но пред да му истече рокот за прекин, Азири бил хоспитализиран во болница, го известил телефонски директорот на Штипскиот затвор и истиот законски побарал да му се продолжи прекинот заради сериозноста на болеста која што ја добил баш во тие затвори, каде што условите за издржување на казни многу добро ви се познати, вели Ајдари.

Заев во одбрана на Бејта: Со осомничениот за „Монструм“ разговараа за земјоделските субвенции

Заев вчера изјави дека ќе се појави како сведок во случајот „Монструм“ доколку тоа од него го побара судот. Додека семејствата на убиените живеат во агонија, Заев застанува во одбрана на Бејта.

Во врска со тврдењата за разговор меѓу обвинетиот Фејзи Азири и поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, премиерот рече дека во „бомбите“ имало разговор меѓу нив во кој Азири барал субвенции за земјоделство. Тој разговор, како што посочи, им го покажал и на родителите на убиените момчиња кај Смилковското Езеро.

Дури и да е тоа така, тогаш СЈО треба да реагира. Но, СЈО нема покренато никаков предмет против Бејта за ургенции за земјоделските субвенции.

Незапамтено злосторство со кое никој не смее да манипулира, правда ВЕДНАШ

Граѓаните бараат правда ВЕДНАШ, а премиерот не знае како да застане во одбрана на својот коалиционен партнер.

Македонскиот народ вечно ќе го памети тој кобен Велики четврток во 2012-та година. Најсвирепиот масакр ги потресе сите, но емоциите, секако, се најзастрашувачки, кај родителите на убиените момчиња. Овие ожалостени луѓе, гневни на судбината, не смеат да бидат предмет на манипулациите на Зоран Заев или било кој друг.

Со ова никој не смее да манипулира: Александар, Филип, Цветанчо, Кире и Борче, почивајте во мир!

Кобниот 12-ти април убиените се четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски.

Крвнички беше убиен и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево. Убиствата се случиле меѓу 19:30 и 22:30 часот кога биле најдени телата на убиените.

Обдукцијата врз убиените покажал дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, зашто се најдени чаури од три различни типа муниција, што сугерира дека има повеќе од еден извршител на чинот.

Најнови вести