Синдикатот на полицијата во Македонија информира дека во СВР Куманово во акт на, како што посочуваат, отворен и директен реваншизам се подготвува бран на неосновани и фингирани дисциплински постапки.
-Имено, според известувањата кои што се пристигнати до Синдикат на Полиција во Македонија, во СВР Куманово во овој момент се подготвени околу 30 (триесет), Предлози за поведување на дисциплински постапки, од кои мал дел од нив се според пристигнати иницијативи од ОВККИПС, додека останатиот поголем дел од нив се според фиктивни и лажни Службени белешки претходно изготвени од страна на актуелниот Началник на СВР Куманово кои што се израз на отворен реваншизам и директна пресметка со неистомислениците во СВР Куманово, истакнуваат од СПМ.
Оттаму посочуваат дека групирањето во поголема бројка на овие Предлози, по кои што ако воопшто требало да се постапува, тоа требало да се направи неколку месеци порано, и темпирање на момент на нивно ненадејно распоредување во еден ден, оди во прилог на ширење и предизвикување на страв помеѓу вработените во СВР Куманово и раководење по принцип на закани и казни, како што всушност тоа било пример во 2018 и 2019 година кога против припадниците на СВР Куманово за 2 (две) години се водеа рекордни 150 (сто и педесет) дисциплински постапки , од кои што голем дел од нив беа и незаконски
-Ги повикуваме сите членови на СПМ како и сите вработени во СВР Куманово да не подлегнуваат на овој насилен начин на раководење со СВР Куманово и при тоа да ја задржат својата чест и достоинство и да продолжат како до сега професионално и одговорно да си ги извршуваат своите работни задачи. Синдикатот на Полиција во Македонија ќе продолжи активно да ја следи состојбата со процесот на започнувањето на најавените дисциплински постапки во СВР Куманово (најмногу би сакале оваа информација да не е точна), и по истите благовремено ќе реагира на соодветен институционален начин а за истото веднаш ќе ја извести целокупната домашна јавност како и претставниците на меѓународната заедница и членовите на нивните мисиии во Македонија, велат од Синдикатот на полицијата.