Заради пандемијата и годинава нема да се организираат големите карневалски манифестации како што се главната карневалска вечер со дефиле на карневалските групи, која требаше да се одржи на 13 овој месец, маскенбалот и детскиот карневал, соопштија од Организицискиот одбор на струмичкиот карневал.
Од Одборот најавуваат дека се планира одржување на помали собири поврзани со карневалот.
-Струмичкиот карневал 2021 годинава ќе се одржи од 11 до 17 март, но без традиционалната карневалска поворка, маскенбал, детски карневал и маскирања во различни креации. Со почитување на протоколите за јавни настани во време на пандемија, планираме да се одржи изложба на карикатури, промоција на монографија, Чист понеделник со делење на посен грав на плоштадот, изведување на традиционалниот Тримерски обичај, предавање на клучот од градот на карневалистите и слично, појаснуваат од Одборот.
Програмата со активностите и местата на одржување на настаните од 11 до 17 март ќе бидат објавени пред почетокот на карневалската недела во Струмица. (МИА)