Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа е лицето кое Зоран Заев си го вработи како свој советник. Под остар притисок од јавноста и медиумите, Шаќири вчера соопшти дека се повлекува од оваа функција.
Сепак, останува прашањето кој дозволи овој човек да влезе во кабинетот на Заев?
Според информациите кои допреа до медиумите, Зоран Заев лично ги бирал своите советници, меѓу кои и командант Хоџа, човек кој јавно се залага за федерализација на Македонија.
-Мене ми се допаѓаат идеите на НДП и на Зијадин Села каде што велат стоп, до сега сте правеле што сте правеле со Албанците во Македонија, сега да одиме со федерализација на Македонија. И тоа се идеи за поздравување кои треба да се поддржат, вели човекот кого Заев го назначи за советник.
Новинарот го прашува Шаќири: „Што значи федерализација, отцепување“?
-Не, отцепување не се дозволува без меѓународната заедница која одлучува, но во рамките на шаховските коцки можеме да бараме федерализација, конфедерализација. Тоа се примери со кои дури и државите од европската заедница кога имале конфликти меѓу две националности ги стагнирал понатамошните проблеми. Јас лично, како единствен избор го гледам федерализирањето на Македонија, истакнува командант Хоџа.
Да потсетиме, деновиве објавивме повеќе скандалозни изјави од овој човек. Така, човекот кој Заев си го избра за советник, предлага паралелни институции и соединување на Македонија кон Албанија. Порачуваше и дека Албанците во Македонија треба да војуваат со Македонците.
Најсилни реакции кај јавноста јавија неговите изјави дека е горд на терористите кои кај Диво Насеље убија 8 и ранија над 30 припадници на македонските безбедносни сили.
За командантите вели дека е горд на нив и сега му се другари.
-Јас сум горд што ми биле другари, се бореле како лавови. Биле предадени и сепак издржале се до последен момент онака како што им доликува на јунаците слични на Мит Соколи на нашата нација, рече тој во интервју за KTV.
Човекот кој Заев си го избра за советник искажува своевидна гордост за пукањето кон големиот број на припадници на македонските безбедносни сили во тоа време.
-Да кажам само еден пример, единицата Тигри има 520 припадници кои што важат за најсилни и најтренирани во Македонија. Од нив 8 се убиени и 37 ранети. Ако ги поделиш излегува дека 10 % од најсилната полициска единица во Македонија се елиминираше. Да не зборуваме за деморализирање на останатите кои, според информациите што ги имаме се со големи трауми, истакна командант Хоџа.