Министерот за здравство Венко Филипче најави дека викендов со Комисијата за заразни болести ќе дискутираат за отворање на границите од почетокот на следната недела без приложување ПЦР тест и примна на мерките за изолација.
-Со оглед на тоа што не можеме да живееме затворени и тоа што апсолутно целиот регион, еве сега со нови податоци, со исти епидемиолошки ризик, овој викенд ќе имаме состанок со Комисијата за заразни болести и ќе разговараме за отворање на границите од следната недела. Веднаш после заклучокот после препораката, којшто ќе се темели на анализите, ќе ја соопштиме таа одлука на јавноста, рече министерот Филипче во гостување на ТВ Канал 5.
Претходната одлука, појасни, беше да се отворат сите затворени гранични премини со препораките што важат сега, но со оглед на тоа што во целиот регион епидемиолошкит ризик е еднаков, веќе се отвораат и аеродроми, се отвора цела Европа, насекаде во светот и секаде се препорачуваат истите мерки, секаде важат истите принципи на превенција, така што одлуката ќе биде да се отворат границите целосно, без карантини и без Пи-Си-Ар тестирање.
-Ќе носиме одлука и ќе дискутираме викендов некаде за почетокот на следната недела, изјави Филипче.
Владата пред три дена донесе одлука да се отворат сите гранични премини во земјава со примена на мерките што се активни, при што за влез во држвава е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Во сила останаа и мерките за потпишување „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, како и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на Северна Македонија нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест.