Владата се жали дека премиерот Зоран Заев не бил добро разбран во интервјуто дадено за „Ројтерс, па излезе со реакција за истото.
Нивната реакција ја пренесуваме во продолжение
Во врска со делови од интервјуто на премиерот Заев за агенцијата Ројтерс преземени од страна на некои од македонските медиуми, и во кои се пренесува дека „Република Македонија е подготвена да направи мали промени со името во уставот“, Кабинетот на Претседателот на Владата на Република категорично тврди дека премиерот Заев нема искажано таков став во интервјуто за Ројтерс.
Наместо тоа, премиерот Заев на прашање на новинарот на Ројтерс одговара дека Република Македонија е подготвена да направи промена во врска со името, но не може да се оди предалеку, бидејќи тоа е многу тешко прашање.
Во продолжение на разговорот на оваа тема премиерот Заев додава дека „останува отворено прашање дали постои ‘вистинска потреба’ за промена на Уставот на Република Македонија, нешто што Грција го бара последниве месеци“.
Исто така укажуваме и на погрешната интерпретација во воведот на веста на агенцијата за интервјуто со премиерот Заев во која се наведува дека „Македонија предложила четири опции за решавање на децениското недоразбирање со Грција за името“.
Јавноста во Македонија, и во светот, знае дека тоа се предлози на медијаторот Метју Нимиц, кој во име на Обединетите Нации, посредува во разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција.
Тоа значи дека тие предлози постојат, како што изјавил премиерот Заев, но тие не се предложени од страна на Република Македонија.
-Во име на коректното известување и заради корекција на пренесените делови од интервјуто на премиерот Заев за агенцијата Ројтерс, ве молиме да ги земете во предвид овие укажувања во врска со ова чувствително прашање, велат од владата во дописот до медиумите.
Интервјуто погледнете го во продолжениена следниов линк, на сајтот на Ројтерс