понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува националистичките испади на протестите во Грција

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува националистичките испади на протестите во Грција

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува националистичките испади на вчерашните протести во Република Грција, но и објавувањето на мапи во грчките медиуми во кои се дели територијата на Република Македонија. Ваквите испади не придонесуваат за подобрување на меѓусоседските односи и градење на клима на доверба меѓу Македонија и Грција, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека палењето на македонското национално знаме, извикувањето на иредентистички пароли и дефилирањето во воени и паравоени униформи се сосема спротивни на демократијата и меѓусебното почитување кое треба да го градат двете земји.

-Министерството за надворешни работи на Република Македонија мора посериозно да ги сфати сите овие непријателски гестови од страна на поединци и групи во соседна Грција и преку дипломатска нота да побара соодветна реакција од грчка страна и санкционирање на лицата кои ги подриваат меѓусоседските односи, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека пораките кои вчера беа испратени од протестите во Солун се навредливи за секој Македонец, а МНР има обврска да го штити нашето национално достоинство.

-Историјата вели дека, Андартите претставуваат паравоена структура која дејствувала во 19 век извршувајќи злосторства врз македонскиот народ. Лица во такви униформи дефилираа на вчерашните протести на кои присуствуваа и голем број лица од јавниот и политичкиот живот на соседна Грција. Пораката што се испрати е исклучително лоша и таа мора да биде жестоко осудена и од македонска и од грчка страна, е ставот на опозициската партија.

Најнови вести