Зоран Заев и Васко Ковачевски ги потценуваат граѓаните и се повеќе се заплеткуваат во криминалната мрежа, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
-Зоран Заев и Васко Ковачевски се обидуваат да ја убедат јавноста дека камионите кои биле во сопственост на „Тотал инжинеринг“ од Струмица се шверцувале во РЕК Битола. Верзијата што Зоран Заев, Вице и Ковачевски ја смислиле е дека камионите со струмички таблички и ознаки на „СВ Инвест“ од Битола среде бел ден, незабележани од никого, влегувале во кругот на РЕК Битола, извршувале работи за комбинатот и потоа повторно незабележани од никого, си заминувале. Нормално, според триото Зоран, Вице и Васко, камионите ова го правеле без никаков договор и без никаков надомест, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека после ваквата одбрана на триото „Минхаузен“, нема граѓанин кој што не го интересира каде може да се најдат шофери и камиони кои ќе дојдат, ќе сработат и ќе си заминат без никаков надомест? Да не беше трагично, ќе беше смешно!
-Вчера Заев велеше дека немал ништо со камионите, а денес појаснува дека Вице имал механизација ама наводно ја продал. Секој ден различен став за да се сокрие вистината за криминалот. Признанието на Заев само ги потврдува сомненијата дека фирмата „СВ Инвест“ од Битола вршела превоз на јаглен со камионите во сопственост на „Тотал инжинеринг“ во периодот кога се направени снимките. Истражните органи мора да соберат храброст и да ги испитаат сомнителните бизниси на криминалниот картел во власта. Ваквите дела не застаруваат и доколку се обидат да ги прикријат незаконските активности, по враќањето на правната држава предметите ќе бидат повторно отворени, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.