Во четврток, 9-ти септември, ќе биде отворен пункт за вакцинација против Ковид-19 на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), информираше денеска Министерот за здравство, Венко Филипче.
Вакцинацијата ќе се врши со кадарот од Универзитетската амбуланта.
На прес-конференцијата заедно со студенти од Медицинскиот факултет тие заеднички апелираа да се подигне свеста за имунизацијата кај младите.
-Нашите анализи покажуваат дека расте опфатот со вакцинација пред сè кај повозрасните граѓани. Затоа сега ставаме акцент на важноста да се вакцинираат и помладите граѓани. Сега тие се таа категорија која е помалку заштитена. Вирусот се шири меѓу нив и тие можат да го шират вирусот во своите семејства. Битно е младите да се социјализираат, знаеме колку животот им се промени изминатиов период со тоа што немаа социјални контакти, не одеа во училиште… Затоа и за помладите важи правилото дека само со вакцинацијата можат да ги нормализираат целосно животите, рече Филипче.