Вработена во Поликлиниката Чаир е заболена од коронавирус и веднаш е ставена во изолација, по што е извршена дезинфекција на објектот, потврди денеска директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски.
Посочи дека досега во Здравствен дом Скопје со коронавирус се заразени вкупно четворица вработени.
– Во Здравствен дом Скопје дијагностицирани се позитивни тестови на четири лица и тоа телефонистка од Поликлиниката Чаир, медицинска сестра од Поликлиниката Ченто, возач на Итната медицинска помош, како и медицинска сестра од Домашната посета. За сите овие лица е одреден домашна изолација и земена е епидемиолошка анкета, рече д-р Исјановски.
Додаде дека дезинфекција е извршена и во останатите поликлиники, како и во Итната медицинска помош, а одлучено е вработените во Домашна посета покрај останатата заштитна опрема да носат и скафандери.