вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Заев договорил ново име и нов идентитет на земјата – Македонија заминува во историјата, преименување ќе има и за црквата

Заев договорил ново име и нов идентитет на земјата – Македонија заминува во историјата, преименување ќе има и за црквата

Грчките медиуми наголемо јавуваат дека Зоран Заев договорил преименување на Македонија во Република Северна Македонија и смена на Уставот, што повлекува смена на идентитетот. Зборот Македонија заминува во историјата.

Според изјавите на високи претставници во грчката Влада, Заев договорил и ново име на македонската црква, па така од Македонска православна црква најверојатно договорот паднал на Охридска архиепископија.

Гршкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас по вчерашниот телефонски разговор меѓу Заев и премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во телевизиско интервју триумфално истакна дека  Заев го прифатил името Северна Македонија, а решено е и прашањето на Уставот и тоа како што тој вели на иницијатива на Скопје.

-Ако преговорите завршат утре, разговорот за името ќе биде завршен, рече вчера Коѕијас, зборувајќи за денешниот разговор на двајцата премиери. “Тој го избра она што го сака, тој веќе го направи тоа”, мислејќи на Заев.

Министерот за надворешни работи Никос Коѕијас откри дека името Северна Македонија е избрано лично од премиерот Заев, а од предлозите на Нимиц, името Вардарска Македонија било одбиено од Македонија, а Македонија (Скопје) и Илинденска Македонија било одбиено од грчката страна. На масата биле Горна Македонија, Нова Македонија и Северна Македонија, а Заев го одбрал името Северна Македонија.

Коѕијас во интервјуто говореше и за промена на македонскиот Устав како и името на МПЦ.

-Го решивме уставниот проблем и возбуден сум што проблемот е решен со иницијатива на Скопје, Мислам дека Црквата ќе биде наречена Охридска Архиепископија, историско име што оваа вековна црква го носи со векови, вели Коѕијас.

Изминатиов период во Грција наголемо се даваат изјави дека потребни се уставни промени и за тоа треба решение од страна на Заев, кој повторно го менува ставот. Аналитичарите во Македонија предупредуваат веќе подолг период дека промената на име ќе значи и промена на идентитетот.

Смената на Уставот значи промена на идентитетот на македонскиот народ, согласна е експертската јавност по се поизвесната капитулација на Македонија пред грчките барања, за што одговорност има Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ.

Дека менувањето на Уставот ќе значи обезличување на Македонците смета дури и првиот човек на МАНУ, Таки Фити. Тој неодамна јасно го изрази ставот на академијата да не се прифаќа во преговорите да се отвора прашањето за идентитетот, како ниту име за севкупна употреба, што според грчката страна сега значи дека евентуалното ново договорено име треба да биде и за внатрешна употреба.

–Ерга омнес, односно име за севкупна употреба, никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација – кажа претседателот на МАНУ, Таки Фити на едно медиумско гостување.

Притоа додаде дека доколку се прифати име за севкупна употреба тогаш ниту МАНУ нема да се вика Македонска академија на науките и уметностите, туку ќе треба да се прекрсти во „Академија на науките и уметностите на Република Горна Македонија“, на пример. Од тоа произлегува дека освен МАНУ, ќе треба да бидат преименувани и други национални институции, како Народната банка на Република Македонија, АРМ, Друштвото на писатели на Македонија, Фудбалската федерација на Македонија… Тоа, според претседателот на МАНУ, е апсурдно!

За потсетување, Заев во предизборната кампања за парламентарните избори ветуваше дека нема да дојде од промена на Уставот, а ситуацијата е сега сосем спротивна.

-Што се однесува до Уставот. Гарантирам, одличен Устав имаме, европски Устав, Уставот нема да дозволам никој да го смени, Уставот ќе се почитува, Уставот ќе се спроведува. Нема менување на Уставот. Бидете спокојни, не дозволувајте режимот повеќе да ве лаже, велеше Заев пред парламентарните избори во 2016-та година.

Најнови вести