Во организација на Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“ денеска во Охрид се одржа јавна расправа посветена на проблемот со паркирањето возила во центарот на градот, како и можноста за реализирање на проектот за изградба на катна гаража.
Оценка на учесниците во дискусијата е дека со изградба на катна гаража во Охрид ќе се надминат долгогодишните проблеми во сообраќајниот метеж во централното градско јадро, ќе се подобри квалитетот на живот на охриѓани, а позитивни ќе бидат и ефектите врз туристичката понуда на градот.
На расправата е демонстрирана согласност од потребата решенијата да се носат согласно соодветни одлуки за посебен режим на сообраќај во центарот на Охрид,
Љупчо Танески од Одделението за комунален развој при Општина Охрид посочи дека најважното при изградба на катна гаража е да се води сметка возилата да имаат лесен пристап до локацијата преку нејзина поврзаност со поголемите сообраќајници во градот, а истовремено објектот да биде сместен во централното градско подрачје.
Оценка е дека со изградбата на катна гаража ќе се намалат појавите на узурпација на јавните површини, особено во летниот период кога е значајно зголемен бројот возила низ градот.
Горан Патчев, од НУ “Завод и Музеј – Охрид’ согласен дека со такво решение за паркирањето возила ќе се решат долгогодишните проблеми во сообраќајниот метеж во тој дел од градот, но и оти тоа е само еден чекор кон решавање на вкупниот проблем со Старото градско јадро.
Тој посочи на неусогласеноста меѓу одредбите содржани со Планот за управување со светско и природно наследство од 2020 година и ДУП-от по однос евентуалната катност на објектот.
Патчев смета дека Планот за управување не би требало да биде пречка за изградба на таков објект, особено кога позитивно мислење за тоа дале експерти од областа на заштита на културното наследство и виделе оправданост во нејзина изградба.
„Уредувањето на сообраќајот во Старото градско јадро беше една од забелешките на УНЕСКО и ова е еден чекор во позитивно решавање на тој проблем. Треба да се направи еден баланс помеѓу развојот и заштитата. Ние како институција одиме во тој правец“, додава Патчев.
Како можни локации за катна гаража се посочени локации што и сега се користат како места за паркирање возила, но и други јавни површини, на периферијата од градот односно на влезот во Охрид како и на просторот пред СРЦ „Билјанини извори“.
Прашањето околу изградба на катна гаража со години беше неизоставен дел од предизборните кампањи на партиите на серија изборни циклуси, без конкретна реализација.