понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Општина Битола бега од одговори по обвинувањата за непотизам: Си ги вработиле најблиските роднини, а сега молчат

Општина Битола бега од одговори по обвинувањата за непотизам: Си ги вработиле најблиските роднини, а сега молчат

Општина Битола бега од одговори за обвинувањата за непотизам, односно вработување само на лица кои се роднини и блиски на функционери на СДСМ.

По скандалозните обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ, општината со која раководи Наташа Петровска од СДСМ, нема коментар. Соочени со фактите, со објавените имиња на нивните најблиски кои си ги вдомија на државен трошок, од општина Битола молк.

Редакцијата на КУРИР вчера стапи во контакт со портпаролката на општина Битола, Цветанка Ристевска, со цел да побараме коментар-потврда или демант за ваквите обвинувања. Побара прашањата да ги испратиме на маил-адреса. Ова е пораката која ја испративме вчера наутро.

По неколку часа молк, уште еднаш ја побаравме портпаролката чија колешка ни кажа дека не е во канцеларија и не знае кога ќе се врати. Потоа добивме одговор дека ќе се врати за половина час, но ниту ни испрати одговори ниту се јави на телефон.

Ристевска, која е портпарол на градоначалничката на СДСМ, ниту денес не најде време да одговори на едноставните прашања.

Што крие општина Битола?

Братот на градоначалничката, братучед на претседател на Совет, сопруг на советничка од СДСМ. Ова се само дел од лицата членови на потесните семејства на социјалдемократите на функција во Битола. Обвинувањата за непотизам секој ден излегуваат на виделина.

Петровска и нејзините најблиски соработници одлучија со пари од џебот на битолчани, да ги полнат џебовите на нивните роднини.

Обвинувањата за непотизам

Од ВМРО-ДПМНЕ Битола велат дека непотизмот станува заштитен знак на СДСМ. Викторија Христовска од опозициската партија пред три дена изјави дека по вработувањето на братот на градоначалничката како наставник, стигнаа информации кои говорат дека роднини на лица од врвот на власта ги полнат државните институции.

-СДСМ и Петровска не смеат да бегаат од одговори и треба да и кажат на јавноста. Дали е точно дека како компензација за лојалноста во Советот на Општина Битола во општинската администрација ги вработи, Бобо Груевски, прв братучед на Валентин Груевски, претседател на Советот и Владимир Костурски, сопруг на советничката Емилија Костурски. Дали ова не е непотизам почитувани граѓани?, прашува Христовска.

Христовска вели дека Општина Битола не смее да биде место за вдомување на партиските кадри. Таа порача дека СДСМ не смее да ги става интересите на партијата, над интересот на граѓаните.

-Петровска мора да одговори и дали во општината го вработи и братучедот на Сашо Додовски, актуелен претседател на УО на АД ЕЛЕМ? До каде оди непотизмот и фамилијарниот интерес на фамилиите од власта? Граѓаните се прашуваат дали за директори на ЈП Комуналец и ОУ „Даме Груев“ ги назначи брачните сопружници Панде Богоевски и Ленче Богоевска? И дали за директор на хидроелектричната централа во ЈП Водовод е поставен Оливер Сливовски, кум на Горан Козаров, директор на Водовод. СДСМ и Петровска должат одговор и дали сопругата на вршителот на должност секретар на Општина Битола е директор во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух? Не постои институција на територија на општината во која не постои сомнеж за непотизам. Граѓаните чекаат одговори како и на кој начин СДСМ ги троши нивните пари. Дали гледа на Буџетот само како на средство за намирување на партиските апетити на неколку фамилии од врвот на власта? Останува уште и домашните миленичиња да си ги вработат, изјави Христовска.

Таа вели дека најсоодветна парола на оваа ненародна власт наместо живот за сите би била живот за најблиските.