По иницијатива на граѓани, a во организација и под координација на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ во рамките на одбележувањето на роденденот на Општина Петровец, беше официјализирано збратимувањето на Општина Петровец и Општина Петњица од Црна Гора.
Во посета на Општина Петровец дојдена е делегација предводена од градоначалникот на Општина Петњица Самир Аговиќ како и бизнисмени кои ги разгледуваат можностите за инвестирање во Петровец. Градоначалникот Борче Митевски рече дека ова е втора општина што се збратимува со Општина Петровец, а целта е економска, образовна, културна и спортска соработка, како и да се доближат народите, а особено младите. За да се реализира тоа двете општини ќе аплицираат за грантови од Светска Банка и ЕУ.
Градоначалникот на Општина Петњица Самир Аговиќ рече дека особено го радува тоа што после првиот разговор со градоначалникот Митевски сватиле дека Петровец има перспектива. Нејзината голема предност се луѓато и хармоничните односи кои владеат во оваа општина и додаде дека тоа ги поврзува двете општини бидејќи се мултиетнички.
Посебен впечаток остави развојот на индустриската зона Ќојлија која ќе биде доста привлечна и за бизнисмените од Црна Гора. Можности за соработка и развој има и Општина Петњица, како на економски план, така на културно и спортско поле.
Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ изрази задоволство од официјализацијата на оваа иницијатива и додаде дека и понатаму ќе се залага за реализација на проекти помеѓу двете општини, особено што во Општина Петровец живеат голем број на Бошњаци, кои се мнозинско население во Петњица со што овој процес ќе добие на интензитет.