Општина Охрид ја презедовме со 14 милиони евра долг и 8 милиони евра долг на Јавните Претпријатија што значи вкупно 22 милиони евра долг. Долгот континуирано само растеше и Општина Охрид не напредуваше во тие фази на децентрализација за да може самостојно да делува, истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков во вечерашното гостување во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24.
„Кризата со електричната енергија е од катастрофални размери. Ние во минатото како ВМРО-ДПМНЕ организиравме и протести во поголемите градови со возила каде една од темите беше електричната енергија“, посочи Пецаков.
Пецаков потенцираше дека една година откако ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше за оваа криза сега џебот на граѓаните е засегнат од енергетската криза и кризата ја чувствуваат сите. Сметам дека државата ненавремено реагираше и тие проблеми се проширија и на Јавните Претпријатија и локалните самоуправи кои ќе остават катастрофални последици.
„Во ситуација кога Владата веќе не нашла начин и ја довела државата до енергетска криза а при тоа можела на некој начин да реагира тогаш ние бараме процентот на поврат на ДДВ да е поголем за полесно да ја пребродиме оваа енергетска криза“, заклучи Пецаков.