вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

По невремето во Охрид: Поплавени дворови и куќи, огромна штета на земјоделските култури

По невремето во Охрид: Поплавени дворови и куќи, огромна штета на земјоделските култури

Градоначалникот на Општина Охрид итно го свика општинскиот кризен штаб по силното невреме кое го погоди овој град.

-Од првичните информации со кои располагаме, отежнат е сообраќај на одредени улици поради обилните врнежи и големата вода која се уште се слива, има пријави за поплавени домови, дворови, куќи а штетата на земјоделските култури очигледно ќе биде огромна бидејќи невремето кое траеше повеќе од половина час беше проследено со врнежи од град со големина на лешник и орев, вели Пецаков.

Посочува дека сите пумпи за исцрпување на вода со кои располага општината се ставени на располагање на Територијалната противпожарна единица Охрид, каде во најголем дел се пријавуваат поплавите.

-Вршиме напори со соседните општини за набавка на дополнителен број пумпи, иако колекторот е ставен стопроцентно во функција и во најголем дел од критичните места ќе се исцеди надојдената вода. Проблем има на пресекот помеѓу АСНОМ и булеварот Туристичка, со струјата која ги снабдува пумпите од колекторот, но се решава. Проблем има и во планинските села каде има наноси од земја. Се надеваме дека до вечер ќе успееме да го нормализираме сообраќајот насекаде. Екипите на општинските Јавни претпријатија остануваат во полна готовност доколку произлезе потреба за брза реакција, нагласува градоначалникот на Охрид.