СВР Охрид, од денеска, во текот на претстојниот викенд, кога се одбележува христијанскиот празник Велигден, сѐ до вторник (21 април 2020 година), кога на сила ќе биде забраната и посебниот режим на движење на територијата на целата држава, на целото подрачје ќе врши интензивни контроли на сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, во викенд населбите, како и на верските храмови.
Засилените мерки за контрола на парковите, излетничките места и викенд населбите, отпочнуваат денеска (16 април 2020 година) од 16 часот и ќе траат до 21 април 2020 година (вторник) до 05 часот.
Дополнително, мерки за контрола ќе се преземаат и околу верските храмови, што е во согласност со одлуката на Владата за продолжување на забраната и посебниот режим на движење за време на претстојниот христијански празник Велигден, што ќе започнат од 17 април 2020 година (петок) од 16 часот, сѐ до 21 април 2020 година (вторник) до 05 часот.
-Упатуваме апел до граѓаните строго да ги почитуваат одлуките на Владата за забрана за движење, како и совесно и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (COVID-19). Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик. Воедно, на сите верници од христијанска вероисповед им го честитаме големиот христијански празник Велигден, велат од СВР Охрид.