Во насока на вистинито и објективно информирање на јавноста, Општина Кисела Вода е должна да реагира и да ги демантира грубите лаги изнесени на денешната прес конференција на советничката од СДСМ, Бојана Ацева.
Демантот на општина Кисела Вода го пренесуваме во целост:
Обидот да се дискредитира работењето на Општина Кисела Вода која денес, за прв пат после 1996 год е речиси раздолжена општина и обврските се сведен на тековно работење, додека на терен имаме реализација на 70% од предвидената четиригодишна програма говори само за паниката и безидејноста во која се наоѓа СДСМ.
Игнорирајќи недоспеани долгови, кредити, кредити во грејс период, СДСМ фингира ситуација и прикажува помал долг од реалниот во време на нивниот градоначалник, па дури и заборава на долгови генерирани во тек на цел еден месец, кој не влегува во третиот квартал, па се обидува со лажни информации да ја збуни јавноста.
Советничката Ацева која нејзините ментори научени на неработа и расипништво, очигледно лошо ја подготвиле, пред органите на правдата, ќе треба да се одбрани за искажаните лаги, клевети и обидот да ја дискредитира институцијата, а со тоа да ги донесе во заблуда и нашите сограѓани.
Обвинувајќи го градоначалникот Ѓорѓиевски дека го зголемил долгот на општина Кисела Вода за 40 милиони денари, таа вели: “Ако во 2021 година долгот на општината бил 56 милиони денари, сега долгот е неверојатни 96 милиони денари! Ако се додадат и долговите кон добавувачи се доаѓа до огромни 146 милиони денари долгови!”
Изјавата на прес конференција дека општината должела само 56 милиони денари по основ на кредити во 2021 година, а сега должи 96 милиони е апсолутна невистина. На денот на преземањето на функцијата, обврските по основ на кредити согласно 3 квартал од 2021 година изнесуваат 110 милиони денари, а тука дополнително не е вклучен и кредит во износ од 26 милиони денари, кој во тој момент сеуште е на грејс период и истиот е земен во текот на претходниот мандат. Од ова произлегува дека вкупните обврски по кредити кои се наследени изнесуваат 136 милиони денари, а не 56 милиони денари.
За разлика од советничката која јавно изнесува лаги и за истите ќе биде покрената постапка, реалните долгови по основ на кредити на општина Кисела Вода се наведени во самата завршна сметка, износ кој што е дополнително намален за 6.465.358,00 денари, заклучно плаќањата направени во 2023 година по основ на рати за кредити. Обврска ни е да ја информираме јавноста дека ниту еден од овие кредити не е земен од актуелниот градоначалник, односно сите се наследени.
На ден 01.11.2021 година, кога градоначалникот Ѓорѓиевски го презема градоначалничкиот мандат, состојбата на буџетот на Општина Кисела Вода изнесува 24.056.900,00 денари, притоа оваа состојба е дури и пред исплата на плати, што дополнително се намалува за околу 10 милиони денари. Ова значи дека почетокот на мандатот градоначалникот го наследува со реална состојба од околу 14 милиони денари на сметка и преку 180 милиони денари долгови, плус кредит во грејс период или разликата помеѓу обврските и средствата е неверојатни – 166 милиони денари и кредит оставен во наследство.
На 31.12.2022 година, согласно завршна сметка на Општина Кисела Вода, имаме состојба од 111.121.126,00 милиони денари и вкупни обврски во износ од 146 милиони денари по завршна сметка, со што разликата помеѓу обврските и средствата на буџетската сметка се – 33 милиони денари.
После исплата на обврските, после исплатени плати, на сметка на општина Кисела Вода на 10.03.2023 година салдото изнесува 20.504.533,00 денари, а доспеаните обврски се сведени на минимално ниво што ќе биде потврдено и во извештајот за првиот квартал од 2023 година при завршување на периодот.
За сево ова, нашите служби стојат на располагање со соодветна документација.
Би сакале да проговориме и во врска со лажните обвинувања околу набавката на горивото. Да прашаме, како во 2021 година, без криза, се трошеле 800.000 денари и во 2022 година со огромно зголемување на цените повторно се трошеле 800.000 денари, согласно зборовите на советничката.
За да нема никакви дезинформации во иднина, на почетокот на 2022 година и при креирањето на буџетот на Општина Кисела Вода се предвидоа само 500.000,00 денари износ кој би бил доволен при нормално работење и нормално ниво на цените. Со ребаланс на буџетот беа доставени уште 300.000,00 денари за кои се општината имаше потреба поради рекордно високите цени и ненавремените мерки на владата. Со оглед на тоа што цената не е сеуште значително намалена, поучени од ненавремената политика на Владата во делот на цените на електричната енергија и горивото, внимателно ја следиме ситуацијата и предвидовме повеќе финансиски средства за гориво за да не мора повторно да се доведеме во ситуација на анекси и ребаланси за оваа намена. Договорот не мора да биде искористен во целост и при овие услови и цени нема ни да биде.
Дополнително, дел од долговите што Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги наследи, а за кои Ацева не проговори, се однесуваа и на обврски за гориво. Во 2022 година беа исплаќани и дел од обврски направени во 2021 година, а со тоа дел од обврските што ги пренесуваме во 2023 година се однесуваат исто така и на гориво, мора да имаме ставка во буџетот за исплата. Согласно нашата финансиска политика и принципите на буџетското работење Општина Кисела Вода мора да има соодветно предвидени ставки во буџетот дури и кога исплатите се однесуваат на долгови од претходни години. И на крајот, околу користењето на службените возила, СДСМ не може да сфати дека тие се користат, но исклучиво во службени цели. За разлика од минатото, никој после работно време нема клуч од нив, не се паркирани во приватни дворови, ниту пак пред монденски летувалишта во соседните земји.
Почитуваната советничка Ацева, треба да знае дека граѓаните немаат лоша меморија, не се наивни и мора да престанат да ја омаловажуваат нивната интелигенција. Сите документи за кои говориме во овој документ, се јавно достапни на нашата веб страница, а работата на општината е потранспарентна од било кога досега. Народот веќе еднаш ја казни СДСМ на локалните избори со тоа што му даде 7000 гласови повеќе на градоначалникот Ѓорѓиевски наспроти нивниот противкандидат и тогашен градоначалник Темелковски. Лажењето и манипулирањето ни тогаш не даде резултати, па малку е наивно што веруваат дека на тој начин повторно ќе стигнат до мандат во кој повторно ништо нема да се работи. А, за сработеното наспроти несработеното, говори и тоа што, од основниот Буџет за 2018 год, исплатени се капитални инвестиции во износ од 88.656.363 денари за целата година. За само два месеци од тековната 2023година, кога градоначалник е Орце Ѓорѓиевски, имаме исплата за капитални инвестиции од 81.541.953 денари.