Се решава горливиот проблем во Расадник, жителите добиваат нов паркинг за стотина возила.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вели дека големо е задоволството да се знае дека жителите поддржуваат сѐ она што во изминатиов период го направат за Кисела Вода и затоа, мотивирано продолжуваат со уште посилно темпо.
-Денес се завршува изградбата на уште еден нов паркинг наспроти салата во Расадник, кој беше повеќе од потребен во овој дел на Кисела Вода. Со ова, проблемот со сообраќајниот метеж и нарушување на мирот на нашите сограѓани од Расадник, полека се решава и заминува во историјата. Обезбедување на паркинг места со цел растеретување на гужвата во Кисела Вода беше и мое ветување пред граѓаните, вели Ѓорѓиевски.
Посочува дека на местата на некогашните диви депонии изградиле нови паркови и паркинзи.
– Ќе ги напоменам новиот паркинг кој го изградивме кај Мечкаров, потоа во Драчево, спроти Домот за слепи лица, на ,,Христо Татарчев, кај градинката ,,Весели цветови” и уште еден кај салата Расадник, наспроти овој денес. Кисела Вода го губи оној стар епитет на несредена општина. Посветено градиме нов, модерен и урбан лик, а сето тоа го заслужуваат моите сограѓани, вели градоначалникот.