вторник, 9. јануари 2024. Вести денес: 0
home Скопје

Ѓорѓиевски: Пуштени во функција двете сензорни соби за децата со посебни потреби во основните училишта ,,Кузман Шапкарев” и ,,Кузман Јосифовски Питу”

Ѓорѓиевски: Пуштени во функција двете сензорни соби за децата со посебни потреби во основните училишта ,,Кузман Шапкарев” и ,,Кузман Јосифовски Питу”

Пуштени се во функција двете сензорни соби кои ги опремивме во соработка со ,,Биотек”, објави на својата Фејсбук страница градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Со тоа, децата со посебни потреби во основните училишта ,,Кузман Шапкарев” и ,,Кузман Јосифовски Питу”, добија просторија која е прилагодена со реквизити, посебни материјали и сензорно осветлување, кое докажано има смирувачко дејство.

Денес заедно со управителката на ,,Биотек ДОО”, Анкица Синадинова Базерко го посетивме ООУ ,,Кузман Шапкарев”, каде од страна на м-р Анета Милошова, специјален едукатор и рехабилитатор, ни беше презентиран методот на кој од сега ќе може да се работи со децата со попреченост.

Нешто, кое досега се работело во нејзиниот кабинет и кое без соодветните реквизити, не можело во целост да одговори на потребите на дечињата.

Со задоволство сакам да истакнам дека за само два месеци ја завршивме првата фаза од проектот за опремување на сите основни училишта со сензорни соби.

Вакви простории кои целосно ги опремивме со реквизити, со сензорно осветлување, со материјали кои ги смируваат децата со попреченост, отворивме во две училишта, во ООУ ,,Кузман Шапкарев” во населбата Драчево, каде се наоѓаме денес, и во ,,Кузман Јосифовски Питу”.

За една година дечињата со посебни потреби кои се вклучени во редовната настава ќе имаат ваков простор и во сите останати училишта на територија на општина Кисела Вода.

Грижата за нив е континуирана, а ние како локална самоуправа, правиме сѐ за нивен подобар и пред сѐ, еднаков третман и олеснување на процесот на образовна и социјална инклузија.

Сакам да упатам голема благодарност до компанијата ,,Биотек”, која покажа што значи општествена одговорност и стана наш значаен партнер во реализирањето на проекти кои треба да го подигнат квалитетот на живот на лицата со посебни потреби.

Би сакал да додадам дека проектот за реконструкција на ООУ ,,Кузман Јосифовски Питу”, каде е изградена втората сензорна соба е во напредна фаза и дека по завршувањето на градежните активности тоа ќе биде провото скопско основно училиште кое ќе биде целосно инклузивно.

Инаку, во ,,Кузман Шапкарев“, настава посетуваат 24 ученици со посебни потреби, а сензорната соба ќе ја користат и 8-те дечиња од подрачната единица на ОУРЦ ,,Д-р Златен Сремeц”.

Во ООУ ,,Кузман Јосифовски Питу”, во редовниот наставен процес се вклучени 9 ученици со попреченост, пишува Ѓорѓиевски во својата објава.