петок, 19. јануари 2024. Вести денес: 0
home Скопје

Ѓорѓиевски: Распишавме меѓународен конкурс за нов ДУП за Расадник, стопирана е бетонизацијата, се инвестира во образованието и инфраструктурата

Ѓорѓиевски: Распишавме меѓународен конкурс за нов ДУП за Расадник, стопирана е бетонизацијата, се инвестира во образованието и инфраструктурата

Пред 100 дена започнавме со промените кои граѓаните од нас ги побараа преку своите дадени гласови. Изработивме преку 50 проекти кои на директен начин ја подобрија функционалноста, транспарентноста и имиџот на општина Кисела Вода. Предизвикот да се стави ред во секоја смисла од општественото живеење, беше уште поголем бидејќи општината ја затекнавме со долг од дури 3 милиони евра, истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на денешниот регионален отчет „100 дена локална власт – отчет на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Во овие 100 дена, спречивме изградба на згради во зеленилото во Балаклија и на станбени објекти во Припор. Целосно го стопиравме предложениот ДУП за Расадник, во кој беа вцртани дури 99 згради. Ние, како ново раководство распишуваме Меѓународен конкурс за идејно решение за Расадник. Ова е прв меѓународен конкурс после земјотресот во Скопје. Поради транспарентноста, конкурсот јавно го објавивме“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека со нова динамика, се пристапува кон процесот на легализација на дивоградбите. За само 100 дена, над 490 семејства добиле документ за легална сопственост, а за една година затворени ќе бидат сите предмети за кои граѓаните ја доставиле потребната документација. За овие лица започната е кампањата „Моја земја, мој дом“ преку која граѓаните сега можат да го откупат земјиштето под и околу легализираниот објект по цена од едно евро за квадратен метар.

„Целосно ја асфалтиравме улицата Пушкинова со сите нејзини краци.Во напредна фаза е темелната реконструкција на улицата Наум Охридски. Целосно го завршивме асфалтирањето на улицата Сердарот од пругата до месната заедница во Потстаница, а со павер елементи ја поплочивме и пешачката патека“, рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека темелно се реконструирани и две детски игралишта во Кисела Вода, а на игралиштето во населбата Драчево, поставено е осветлување. Со поставување на дополнителни електрични столбови, достапна и безбедна за вечерни прошетки е Трим патеката.

„Секојдневно се чистат огромните дивите депонии, а на нивно место градиме паркови или паркинзи. Во напредна фаза е изградбата на парк во месноста Дупки, а на исто толкава површина од 4000 квадратни метри, градиме парк и во Припор, кој ќе биде модерен и самоодржлив. Усје, пак, го пошумивме со 1200 аризонски чемпреси“, рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот посочи дека е започната изградба на фекална канализација на улицата Речиште во Драчево и со тоа ќе се реши 30 годишниот проблем кои го имаат граѓаните таму.

„Во овој период, изградивме паркинг простор во населбата Драчево на површина од околу 3500 квадратни метри и започнавме со изградба на простор за паркирање во Расадник за 60 возила. Во моментов во Расадник тече и изградбата на монтажната катна гаража кај Расадник, за која во минатото немало соодветна дозвола, а градиме паркиралиште и во близина на училиштето за слепи лица“, посочи Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски истакна дека се обезбедени компјутери во училиштата за сите наставници. Реконструирана е спортската сала во ООУ Партенија Зографски, а во моментот тече темелна обнова на училишната сала во Невена Георгиева Дуња. Во ООУ Кузман Јосифовски Питу, започнато е со промена на кровната конструкција, поставување на термоенергетска фасада и изградба на лифт за децата со посебни потреби, на пристапни рампи, специјални тоалети, со што, ова ќе биде првото целосно инклузивно училиште во Скопје. Во ООУ Кузман Јосифовски Питу и во ООУ Кузман Шапкарев, започнато е со изградба на сензорни соби кои ќе бидат готови за 2 месеца.

„Ветив и ќе остварам, во првата година ќе отпочнеме со 70% од целокупната предизборна програма. Како покрупни проекти кои ги отпочнуваме во периодот што следи, ќе најавам само дека сите улици во Пржино ќе бидат асфалтирани и дека ќе профункционира нов Противпожарен дом кој ќе биде поблиску до централното јадро на општината, а ќе биде од корист и за жителите на соседно Сопиште. Ветив и ќе опстојам на тоа дека Општина Кисела Вода ќе биде општина за сите луѓе“, заклучи Ѓорѓиевски.