Темелно се реконструира ул. „Славка Динкова“ во Драчево, се решава проблемот стар 30 години! Улицата „Славка Динкова“ која е една од главните сообраќајни артерии, како сообраќајница која ги поврзува повеќето улици со главната, „Јустинијан Први“ ќе биде темелно реконструирана, а со поставувањето на нова атмосферска канализација, ќе се надмине и проблемот највидлив при обилните дождови, објави на својата официјална страница градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој напиша дека за целосната реконструкција на оваа клучна улица во Драчево, градот Скопје издвои 50.500 000,00 денари.
– Сакам да се заблагодарам во име на драчевчани и во име на сите жители на Кисела Вода, на градоначалничката на градот Скопје и на градот Скопје, бидејќи за првпат после толку години не важиме за општина која е на маргините. Во изминатиов период можевте да го забележите не само присуството на градоначалничката во нашата општина, туку и реализација на проекти како овој, за кој денеска потпишуваме договор за меѓу општинска соработка. Улицата „Славка Динкова“ е долгогодишен сериозен проблем, со кој сега ќе се реши не само надземната инфраструктура, туку на овој потег ќе има реконструкција, ново осветлување, нови тротоари, а исто така се решава проблемот и со атмосферската канализација која овде недостасуваше 30 години. Со оваа улица и со улицата која во меѓувреме е во напредна фаза „Живко Фирфов“, ние практично ги решаваме двете главни артерии во Драчево, а како што можевте да забележите кога патувавте наваму, интензивно се работи и на булеварот „Борис Трајковски“ со што, би сакал да потенцирам дека сето она што 30 години не беше ниту тема на разговор за да се сработи, ниту пак беа подготвени проекти, благодарение на интензивната соработка со градот Скопје, полека но сигурно ги решаваме овие децениски проблеми, појасни Ѓорѓиевски во објавата.
Тој додаде дека следува градежна офанзива чија цел е граѓаните после неколку децении да го добијат она што им недостасуваше и она кое го заслужуваат.