Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вечерва во своето гостување во емисијата „Трилинг” која се емитува на телевизија 24 истакна дека како член на Управниот одбор на ЗЕЛС, тој вчера го изнесол својот став во Владата во врска со проблемите со кои се соочуваат општините, но како што рече, за жал тоа било само средба на констатација на она што веќе е констатирано.
-Имав други очекувања од таа средба, а тоа е дека ќе се излезе со конкретни предлози од страна на владата во кој дел и колку ние можеме да очекуваме да помогне, не за нас лично како градоначалници, туку за нашите сограѓани кои практично се и сограѓани на владините претставници, вклучувајќи го и премиерот. Вчера имаме средба на која што констатиравме веќе констатирана состојба, односно дека имаме поскапување на електричната енергија, на парното во Скопје, конкретно неколкукратно зголемување на цените, дека имаме еден ценовен шок кој што во моментов но сето тоа претходно беше антиципирано од наша страна, од страна владата но тоа го знаат и граѓаните. Не ни требаше повторна средба за констатација, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски истакна дека сето тоа е само губење на време додека владата не покаже рационалност и вистинска волја да направи промени во делот да се вклучи и сериозно да помогне на граѓаните, преку градоначалниците.
-Од една страна во делот на образование имаме намалување на блок дотации, а од другата страна имаме зголемување на трошоците. Јас можам да кажам за градинките, ние имаме намалување од околу 10 милиони денари на блок дотациите, а само за еден клон, еве ќе земеме предвид ако во февруари минатата година сметката за струја била 18 или 19 илјади денари, оваа година е над 200.000 денари. Тоа е десеттина пати повеќе зголемување на сметката, а имате намалување на блок дотациите. Тука се гледа колку владата сака да ни помогне и јас се надевам дека нема владата да дозволи политиката да се меша кога станува збор за интересот на граѓаните. Јас и во кампањата говорев дека сум апсолутно свесен за сите предизвици што следуваат, бев и свесен делумно за лошата финансиска состојба на општината која ја затекнав и кажав дека во ниеден момент нема да се жалам, јас ќе се снајдам и ќе ја извадам општината на прав пат, додаде Ѓорѓиевски.