вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Ѓорѓиевски: ООУ „Партенија Зографски” доби модерни спортски терени

Ѓорѓиевски: ООУ „Партенија Зографски” доби модерни спортски терени

Завршена е реконструкцијата на повеќенаменското и кошаркарското игралиште во ООУ „Партенија Зографски”. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес ја пресече лентата и со тоа ги стави во функција обновените објекти кои за учениците од овој дел на општина Кисела Вода значат подобри и посовремени услови за спортување и рекреација.

Кошаркарското игралиште доби нова асфалтна подлога, како и нова ограда околу него.

На повеќенаменското игралиште кое се протега на површина од 935 м2 е поставена висококвалитетна вештачка трева, извршена е замена на оштетените заштитни мрежи зад головите, а обновени се и клупите на трибините кои беа видно оштетени.

-Денес ги ставaме во функција повеќенаменското и кошаркарското игралиште во ООУ „Партенија Зографски” на чија реконструкција интензивно се работеше во изминатиот период. Се работи за темелна обнова која вклучи промена на подлогите и нивна замена со асфалт кај кошаркарското и квалитетна вештачка трева кај повеќенаменското игралиште. Двете добија нова ограда, извршена е замена и на заштитните мрежи зад головите, како и на клупите на трибините. Проектот што денес им го ставaме на располагање на нашите ученици има особено значење, бидејќи се фокусира на развојот на нивите физички и спортски можности, едновремено нудејќи им забава и рекреација. Обновата на спортската инфраструктура во училиштата, што е еден од највисоките приоритети на Општина Кисела Вода, претставува инвестиција во здрави и активни генерации кои се темелот на нашата иднина. Оттука, ова е само еден од повеќето проекти од ваков карактер на кои интензивно работиме целиот изминат период и кои со голема динамика ќе продолжиме да ги реализираме во иднина. Ќе го споменам ООУ „Круме Кепески”, каде неодамна изградивме фудбалско и детско игралиште, новиот спортско-рекреативен цeнтар на местото од депонијата кај “Оксиген”, изградбата на модерен спортски центар на местото од поранешното спортско игралиште “Славија” и во Теферич кои за многу кусо време ќе ги отвориме, а секако тука се и новото фудбалско и кошаркарско игралиште и детско катче со модерни реквизити во Потстаница, како и реконструкцијата на детското катче со нови реквизити и новоизграден терен за мал фудбал и за кошарка во населбата Драчево, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Инаку во ООУ „Партенија Зографски”, каде настава следат 525 ученици, во текот на летниот период беа реновирани и три училници кои претходно беа во исклучително лоша состојба.