Со заеднички натпревар со учениците од ООУ „Партенија Зографски”, денес градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и ракометарот Борко Ристовски, ја пуштија во употреба реновираната училишна спортска сала.
Во текот на изминатите неколку месеци стариот под беше целосно заменет со нов. На новиот паркет е извршено облежување на игралишта за одбојка, ракомет и кошарка. Реконструкцијата вредна преку 2 милиони денари, опфати и варосување на ѕидовите, со што салата доби и подобрен лик.
-Со реконструкцијата на спортската училишна сала во ООУ “Партенија Зографски” се создадени сите неопходни услови за подобро одвивање на настава по физичко образование. Организираните физички активности го јакнат квалитетот на живот на младите генерации и затоа е од голема важност, тие да се одвиваат во современа и здрава средина. Воедно, ова значи и унапредување на условите за работа за наставниците, што секако дава подобри резултати во наставниот процес. Токму затоа, инвестициите на Општина Кисела Вода во подобрување на училишната спортска инфраструктура продолжуваат. Во моментов, тече и целосна реконструкција на спортската сала во ООУ “Невена Георгиева Дуња“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски при денешната посета на ООУ „Партенија Зографски”, каде на учениците им беа доделени и потпишани дресови.