Во денешното гостување на утринската емисија „Добро утро, Македонијо“ на МРТ 1 директорот на ЈП Улици и патишта Скопје, Борис Настов изјави дека се работи на изготвување на нов проект со кој ќе се реконструира оштетениот потпорен ѕид на булеварот Борис Трајковски во населбата Пинтија.
„Веднаш после пријавите од нашите сограѓани излеговме на терен и заедно со екипите на јавните претпријатија на градот Скопје со цел заеднички да превенираме за да спречиме уште поголема катастрофа. Првично интервениравме со расчистување на градежниот и земјан материјал кој ја беше зафатил пешачката патека и дел од булеварот со цел да се олесни движењето на возилата, а потоа пристапивме кон санација на потпорниот ѕид“, истакна Настов.
Директорот Борис Настов истакна дека паралелно со работата на овој потег на нашите екипи околу расчистувањето на теренот, се работи на увид во причините за пропаѓањето на ѕидот и утврдување на техничките причинители по што ќе се изготвува квалитетен проект за санација и реконструкција на потпорниот ѕид, поради функционална и безбедносна причина со кој би се олеснило движењето на граѓаните и возилата кои транзитираат на овој потег.