На први септември како што потврди МОН учебната година започнува со физичко присуство, но во ООУ„Димитар Македонски“ во населба Лисиче, сите, дури и првачињата почнуваат со онлајн настава.
Група на родители, жители на оваа скопска населба, ја контактираа редакцијата на КУРИР. Велат со години добивале лажни ветувања дека училиштето ќе биде завршено, додека нивните деца учеле во мизерни услови.
За целиот овој период на пандемија, кога децата година ипол учеа од дома, општина Аеродром, МОН и Владата не најдоа време и интерес да обезбедат услови децата од Лисиче да имаат училиште.
-Навистина е огромен ДЕБАКАЛ на општината и училиштето што после цели ЧЕТИРИ години не успеаа да го завршат училиштето, неспособноста на општината и училиштето ги чини учениците ПРЕМНОГУ, наместо да се дружат, социјализираат и да имаат квалитетна настава мора да имаат онлајн часови и сосема да се изолираат. Да оставиме настрана неспособноста што не можеа да изградат училиште цели четири години, нивна дамка ќе остане вечно со тоа што уништија цели генерации со нивната АПСОЛУТНА НЕСПОСОБНОСТ. Одговорност за ова фијаско мора да се сноси и ќе се сноси, порачуваат родителите од населбата Лисиче.
Тие добиле и известување од училиштето.
КУРИР веќе пишуваше за овој проблем, но надлежните продолжуваа да ветуваат дека се ќе биде готово. Родителите и учениците чекаат со години, за на крај да бидат излажани, дискриминирани и изманипулирани.