Советникот Александар Трајановски од ГРОМ која е дел од Коалицијата „За подобра Македонија“ го праша скопскиот градоначалникот Петре Шилегов за проблемот со скапиот паркинг на Средно Водно и го отвори проблемот со трасата која предвидува сеча на Водно за потребите за изградба на гасоводната линија Скопје – Тетово – Гостивар.
Трајановски истакна дека претходно од Градот тврдеа дека мерката за забрана за движење на возила на Средно Водно нема да биде укината, но минатиот викенд се покажало оти е изводливо да се паркираат возила и на Средно Водно, но со прескапа цена на паркинг билет од 100 денари во првиот час.
-Се работи за недоволно обмислена мерка и граѓаните се збунети која од овие две мерки е во сила, рече Трајановски.
На ова Шилегов одговори дека мерката за воведување на платен паркинг ќе значи воведување на ред, и дека секаде во светот оние работи кои може да се оценат за луксуз се плаќале, па тоа е случајот со паркингот на Средно Водно, додавајќи дека Град Скопје нема да отстапи од повисоката цена на паркинг.
Трајановски го запраша и за сквернавењето на врвот на Водно и сечата на дрва која се одвива поради гасоводната линија. Се планира сечење на срцето на шумата и тоа во широчина од 30 метри.
-Додека ние се обидуваме да го намалиме загадувањето на Водно и да се има здрави навики, се копа и во моментот се сече во ширина од 30 метри од Водно према трасата кон Тетово, Скопје останува без своите бели дробови, вели Трајановски.
Шилегов рече дека е должен да ги почитува нацрт-плановите кои се донесени од владините институции и оти не понуди конкретно решение за сечата на шумата.