Вечерва во Штип започнува 37-то издание на еден од најреномираните фестивали во македонската музичка историја – „Макфест 2022“.
На сцената во Домот на културата „Ацо Шопов“ вечерва (21-ви октормври) ќе се одржи првата вечер од фестивалот, односно вечер на млади ѕвезди, на која учество ќе земат нови музички надежи.
Следната вечер, односно во сабота на 22-ри ќе се одржи ревијалната вечер на која ќе учествуваат веќе етаблирани имиња од македонската естрада.
На сцената ќе ги видиме Тамара Тодевска, момците од „Два Бона“, Ламбе Алабакоски, Викторија Лоба, Пајак и Лара Иванова, евровизиската претставничка Андреа Коевска, Виктор Апостоловски, атрактивната Андријана Петрушовска, а ќе има и гостин од регионот, односно пејачот на легендарните „Бело Дугме“, Ален Исламовиќ…
Само шест учесници од првата вечер кои ќе имаат најмногу бодови, ќе имаат привилегија да учествуваат и на втората вечер од фестивалот, односно сцената ќе ја делат со музичките ѕвезди од естрадата…
Инаку ова 37-мо издание на фестивалот ќе биде различно по многу работи. Прва и основна е тоа што втората вечер ќе биде ревијална, нема да има победници. Исто така радува тоа што скоро сите песни на изведувачите се модерни и по терк на светските хитови.
Исто така новина е што фестивалот ќе го водат дури пет водители. Двајца главни водители – познатата Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски, додека пак презентери ќе бидат: Лила Филиповска, Миланка Рашиќ, Јана Бурчевска и познатиот ракометар Борко Ристовски, кој навистина ќе биде интересно да се види во една скроз поинаква улога.
Уметнички директор на фестивалот е познатиот музичар и композитор, Роберт Саздов.
Она што можеби многумина ќе ги изненади е тоа што на една иста сцена ќе застанат „лутите ривалки“, Марјана Станојковска и Лила Филиповска.
За нивниот однос со години се зборува, а едно е повеќе од сигурно, а тоа е дека двете речиси никогаш не се видени како се дружат во приватниот живот…
Судејќи по сето ова, не очекува едно различно и возбудливо издание на фестивалот…