понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Музика

Првата фестивалска вечер на „Макфест“ помина одлично, оценуваат организаторите

Првата фестивалска вечер на „Макфест“ помина одлично, оценуваат организаторите

Позитивни реакции, многу забава, вака организаторите ја оценија првата фестивалска вечер од 38. издание на „Макфест“.

Александар Арсовски од Општина Штип, кој е организатор на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ на денешната прес-конференција истакна дека сѐ поминало во најдобар ред и токму тоа е причина повеќе со нетрпение да се очекуваат вечерашните изведби на сцената во Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип.

-На мое огромно задоволство, можам да истакнам дека првата фестивалска вечер на овогодинешното 38.по ред макфестовско издание помина одлично. Сите коментари, сите реакции се позитивни што за мене како дел од организацијата е еден мотив да продолжам и понатаму да работам напорно на овој пат којшто ние сега го трасираме за македонската музичка сцена да добива вакви квалитетни, модерни, забавни мелодии, рече Арсовски.

Уметничкиот директор, Роберт Саздов, вели дека е, навистина, жално што концептот дозволува само пет композиции да поминат и во следната вечер, бидејќи овогодинешните композиции ги оценува како доста квалитетни.

-Искрено многу ми е жал што не примаме повеќе од пет песни за вечерва, затоа што неколку добри песни се спречени да настапат ако имаме одредено дека пет песни ќе влезат, а повеќе од пет беа добри. Тоа е за секого различно, меѓутоа има, навистина, потенцијални хитови, сега да не фаворизирам, вели Саздов. Периодот помеѓу двете изданија на „Макфест“, мината и оваа година, покажал дека новиот концепт дава позитивни резултати, особено за реномето на Фестивалот. Саздов вели дека изведувачите покажуваат поголем интерес за учество кога знаат дека Фестивалот не е со натпреварувачки карактер.

-Според сите реакции што сум ги чул од минатата година досега, ние сме, не знам за другите народи, ама кај нас, навистина, луѓето сакаат да навиваат, да заземат страна и навикнати се. Тоа е веќе влезено во кодот, затоа што мината година прва, оваа година втора, тоа се единствени две изданија на некој фестивал во Македонија каде што нема награди, дури и на детските фестивали има награди. Меѓутоа, ние дојдовме во една згодна позиција прифаќаат да пејат, затоа што знаат дека нема да има. За публиката е забавно, ама за пејачите не е, секогаш има проблеми, додава Саздов.

Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ чини околу шест милиони денари, средства од кои дел се наменети за откупување на авторските права на авторите и изведувачите за композициите. И тие средства од минатата година се зголемени. Втората фестивалска вечер на „Макфест“ почнува вечерва во 20.15 часот во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, директен телевизиски пренос ќе има на МТВ.