Били Ајлиш отпеа досега необјавена песна за време на нејзиниот настап вчеравечер во градската „АО Арена“ во Манчестер, со нејзиниот брат и писател на стиховите, Финес О’Конел. Шоуто е прво од низата во турнејата во Обединетото Кралство, а настапи ќе има и во Глазгов и Бирмингем.
– Ова е она што штотуку го напишавме и сакаме да го отсвириме за вас, им рече Ајлиш на насобраните луѓе.
Песната е насловена „TV”, а меѓу другото, се осврнува и на судењата на познатите личности (на пр., спорот меѓу Џони Деп и Амбер Хард), и како обичниот гледач „се опседнува“ со тоа.
Ова е прв настап на пејачката во Англија по фестивалот во Рединг, 2019 година. Таа, исто така, треба да настапи и на подоцнежниот фестивал во Гластонбери овој месец.