По трагедијата која буквално го сруши на земја голманот на Ливерпул Алисон Бекер, сега тој се соочува со уште поголем и тежок проблем.
Имено тој вчера дозна дека неговиот татко се удавил во езеро додека ловел риби, а во меѓувреме голманот преживува вистинска драма со фактот дека нема да може да присуствува на погребот на својот татко.
Неговиот татко Хозе Агостињо Бекер (57) се удави во средата попладнето во езеро на ранчот на семејството во близина на градот Лаврас до Сул кој се наоѓа во јужниот дел на Бразил.
И додека неговиот брат кој исто така е голман пристигнал во домот за да биде блиску до својата мајка и семејството, Бекер поради строгите мерки кои ги воведе Бразил нема да може да присуствува на погребот на својот татко.
-Бекер правеше се што може за да најде начин да одлета за родното место, очајно гледаше во летовите и начините на кои може да ги надмине забраните за летови од Велика Британија кон Бразил, но тоа не се случи, вели извор близок до голманот.
Во меѓувреме Алисон преку својот Инстаграм им се заблагодари на сите фанови за големата поддршка која му ја дадоа во изминатиот ден.
Инаку со ваков проблем се соочи и Јирген Клоп кој не можеше да биде присутен на погребот на својата мајка во Германија поради строгите мерки на двете земји.