Дефанзивецот на англиската фудбалска репрезентација Бен Вајт го напушти репрезентативниот камп на Светското првенство во Катар и од лични причини се врати во Англија, соопшти Англиската фудбалска асоцијација (ФА). Од ФА додаваат дека не очекуваат Вајт да се врати во Катар.
“Бен Вајт ја напушти англиската тренинг база во Ал Вакра и се врати дома во Англија. Причината е од приватна природа. Фудбалерот на Арсенал нема да се врати во Катар и нема да биде во тимот до крајот на Светското првенство. Бараме тоа во овој момент да се почитува приватноста на играчот“, се наведува во соопштението на репрезентацијата на Англија.
Вајт пред два дена не тренираше со образложение дека е болен. Инаку, десниот бек на Арсенал беше едно од изненадувањата на конечниот список на Герет Саутгејт. Англија како прва во групата Б се пласираше во осминафиналето каде в недела ќе игра против Сенегал.