вторник, 5. март 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

Астрономски приход на ФИФА во циклус за Катар

Астрономски приход на ФИФА во циклус за Катар

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) за четири години комерцијални договори поврзани со Светското првенство во Катар оствари рекорден приход од 7,5 милијарди долари, соопштија денеска од светската куќа на фудбалот.

Последните три спонзори беа објавени во пресрет на денешниот прв натпревар на Светското првенство – YouTube, Visit Las Vegas и Fine Hygienic Holding, сите три во категоријата регионални спонзори од трето ниво. Доцните пристигнувања да ја заокружат листата на спонзори на Светското првенство помогнаа четиригодишниот приход на ФИФА да се зголеми за повеќе од 1 милијарда долари во однос на претходниот комерцијален циклус поврзан со Светското првенство во Русија во 2018 година.

Овие податоци беа објавени денеска на затворен состанок на кој присуствуваа повеќе од 200 членови на ФИФА.

Дополнителниот приход е поттикнат од комерцијалните договори со државните компании на земјата домаќин. Како главен спонзор се приклучи Катар Енерџи, а нови спонзори од третиот ред се катарската банка QNB и телекомуникациската компанија Ooredoo.Клучните договори за пренос на овогодинешното Светско првенство беа потпишани кога Сеп Блатер беше претседател на ФИФА и вклучуваа турнири во Русија и Катар.

Резервите на ФИФА ќе се зголемат на околу 2,5 милијарди долари и покрај пандемијата на корона вирусот. ФИФА беше подготвена да ги искористи тие пари за да им помогне на своите членови во 2020 година, кога домашните првенства и квалификациите за Светското првенство беа главно откажани.

Приходите најверојатно ќе се приближат до 10 милијарди долари во следните четири години благодарение на новата финансиска стратегија за женскиот фудбал и проширениот формат на Светското првенство во САД, Канада и Мексико во 2026 година.

На Мундијалот во 2026 година наместо 32 како досега, ќе играат 48 селекции.