Фудбалскиот клуб Баерн испрати нова, четврта понуда до Тотенхем за капитенот на лондонскиот клуб и англиската репрезентација, Хари Кејн.
Откако Тотенхем ја одби претходната понуда од 100 милиони евра, Баерн ја зголеми сумата на 110 милиони.
„Скај Спортс“, пренесува дека претставници на Баерн и Тотенхем во текот на ноќта преговарале за трансфер на англискиот фудбалер во редовите на шампионот во Бундеслигата.
Средбата траела до раните утрински часови, а преговорите би требало да продолжат во текот на денот.
Хари Кејн, наводно, им рекол на претставниците на двата клуба во вторникот дека сака да знае дали ќе биде постигнат договор до почетокот, односно до стартот на сезоната во Премиер лигата.
Тој постојано одбиваше да го продолжи договорот со Тотенхем, кој истекува на 30 јуни следната година.
Кејн сака да ја продолжи кариерата во Баерн, но изјави дека нема да го менува клубот доколку не се постигне договор за трансфер до крајот на неделата.
Минатата сезона одигра 49 натпревари и постигна 32 гола со пет асистенции за Тотенхем во сите натпреварувања.