Босна и Херцеговина ризикува жестока казна од Европската фудбалска унија (УЕФА), ако го одигра веќе договорениот пријателски меч со Русија на 19 ноември во Санкт Петербург, ден пред стартот на Светското првенство во Катар, објави „Аваз“ повикувајќи се на извори од централата во Нион.
Како што објави „Аваз“ од извори од УЕФА, БиХ можно е да биде исклучена од сите програми на европската централа, финансиската помош како „форвард-програмата“, програмите за развој како „хет-трик“.
„Со некои работи не треба да си играте, тоа е како да си играте со оган. УЕФА првично одговори дека пријателските мечеви не се во нејзина надлежност, ама…Потоа доаѓаат санкциите кои се воведени од ЕУ, САД, што значи дека тие имаат влијание и на спортскиот дел, без оглед што се политички, зашто таков меч ќе подразбира пакет санкции кон федерацијата на БиХ. Можно е да има суспензија пред сѐ во финансискиот дел, иако не се исклучува и во натпреварувањата на УЕФА. Би можело да се случи исклучување од сите финансиски програми на УЕФА. Ситуацијата е едноставна, УЕФА вели играјте, ама после – ние ќе видиме што како!“, вели изворот од УЕФА за „Аваз“.