По двете одлични изданија на Македонија против светските гиганти Италија и Португалија во баражот за пласман на СП 2022 во Катар кои го привлекоа вниманието на комплетниот фудбалски свет, македонскиот селектор Благоја Милевски веќе е издвоен како најсериозен кандидат за преземање на кормилото на белградска Црвена Звезда по крајот на сезоната.
„Чудотворецот од Македонија, Благоја Милевски е првиот пик на Црвена Звезда за наследник на Дејан Станковиќ во јуни“ – пренесоа поголемиот дел од српските медиуми.
Сепак, Милевски во изјава за ЕКИПА демантира дека има било каков контакт со белграѓани во моментов, останувајќи концентриран на активностите во репрезентацијата и продолжување на патот кој го стартуваше низ квалификациите и баражот за мундијалски пласман.
„Не, нема никаков контакт со Црвена Звезда. Јасно е дека јас носам огромни симпатии кон Црвена Звезда уште од времето кога бев дел од црвено-белите и тоа е мој клуб, но нема никакви разговори со челниците на клубот. Би сакал да истакнам дека и Црвена Звезда си има еден одличен тренер како Дејан Станковиќ, а јас сум концентиран единствено на репрезентацијата и идните предизвици, во моментов. Тоа е така сега, а што ќе донесе иднината, секако, никој не може да каже“ – вели Милевски за ЕКИПА.
Пласманот на Македонија во баражот за СП 2022 и начинот на кој репрезентацијата ги одигра двата натпревари, против Италија и против Португалија, како што тврдат српските медиуми, сериозно го насочија вниманието на белграѓани кон Милевски. Според најавите, од клубот планираат промена на тренерското место во јуни поради што не се исклучуваат разговори и со македонскиот селектор.