На долгогодишниот спортски новинар и коментатор Бранко Илиевски вчера ја имаше честа да го коментира фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Италија, а на кој македонската репрезентација со голот на Александар Трајковски се пласираше во финалето на баражот за Светското првенство во Катар.
Во изјава за Курир, Илиевски открива каква била атмосферата на стадионот „Ренцо Барбера“, но раскажува и за личните впечатоци и моментот да се биде директно дел од еден ваков историски натпревар.
-Беше „тежок“ натпревар за коментирање, се знаеше дека Италија ќе притисне, но ние добро и дисциплинирано игравме. Јасно беше дека ќе биде тешко, но морам да признаам дека душата ми се отвори кога го дадовме голот, мислев дека ќе ми пукне грлото, сите колеги околу мене скокаа од радост а новинарите од Италија во молк, беше прекрасно … Да ги гледате навивачите од спротивната страна на коментаторската позиција, како се радуваат, тоа беше поглед од „милион долари“. Во вакви моменти, емоциите тешко се контролираат, едноставно се ежи кожата, а радоста едноставно не може да се измери со ниедна мерна единица, искрено вели Илиевски за Курир.
Победата, вели, му ја посветува на својот пријател Марио Ѓурчиновски којпочина неодамна.
-Оваа победа јас би ја посветил и на неодамна починатиот мој пријател од ФФМ, оперативецот Марио Ѓурчиновски, сигурен сум дека некаде од горе и тој со неговата насмевка сега се радува и навива за пласман во Катар, додава Илиевски.