Екипите на Реал Мадрид и Манчестер Сити одиграа динамичен и возбудлив полуфинален дуел кој заврши без победник (1-1), па финалистот во Лигата на шампионите во таканареченото „финале пред финалето“ ќе се решава на „Етихад“ на реваншот во Англија.
„Кралевите“ се поставија одлично, а едно невнимание го платија со гол и така Сити непоразен си замина од тврдината на најтрофејниот европски клуб.
Тибо Куртоа беше одличен меѓу стативите, а одбраната феноменално си ја заврши работата затоа што најдобриот стрелец на тимот со 51 гол, Ерлинг Халанд, беше практично невидлив и немаше ниту една сериозна шанса за погодок.
Дуелот на „Бернабе“ беше одлична увертира за она што ни следи на реваншот, знаејќи дека Реал Мадрид досега двапати го елиминира Сити од ЛШ, а надежите на англискиот клуб за оваа сезона се големи.