Како што одминува времето станува се појасно дека Џеси Лингард ќе си замине од Манчестер Јунајтед уште во јануарскиот преоден рок со намера да ги задржи шансите за настап на Светското првенство со репрезентацијата на Англија.
Фудбалерот остана во Манчестер Јунајтед со ветување дека ќе добие поголема минутажа од Оле Гунар Солскјер, посебно по одличните настапи за Вест Хем минатата сезона.
Од неговиот актуелен клуб допрва ќе му понудат нов договор откако првата понуда беше одбиена од страна на Лингард, меѓутоа се верува дека фудбалерот ќе го одбие и тој договор.
Според Роб Досон, од „ЕСПН“ Лингард би можел да реализира неочекуван трансфер во јануарскиот преоден рок.
Интерес за него има од Барселона, која е во потрага по играч од офанзивата кој ќе ги пополнува празнините настанати од заминувањата на дел од фудбалерите, како и зачестените повреди на другите играчи од офанзивата.
Освен Барселона, според истиот новинар интерес за Џеси Лингард има и од тимот на Милан.