Фудбалската репрезентација на Македонија ова попладне ќе отпатува за Португалија и таму ќе мине цели два дена, пред да го одигра најголемиот натпревар во историјата по оние трите на Европското првенство изминатото лето.
„Рисовите“ ќе играат бараж финале против моќната Португалија за пласман на Светското првенство, а навистина импресивно е тоа што македонските фудбалери веруваат во своите квалитети и овојпат, исто како што беше и пред неколку дена во Палермо.
Нашите репрезентативци не прифатија дека победата над Италија е рамна на чудо и фудбалска сензација, бидејќи тоа што го прават изминативе години, веќе не може да се смета за изненадување. Македонија докажа дека може да се носи со сите најсилни репрезентации, па поради тоа, со голема самодоверба патува за Порто.
За разлика од мечот со Италија, голем плус за селекторот Благоја Милевски ќе биде тоа што ќе може да смета на „дијамантот“ Елиф Елмас, кој сега ќе биде поддршка и на теренот, а не само на клупата како што беше во четвртокот на „Ренцо Барбера“.
– Пред нас е еден од најтешките, еден од највобзудливите натпревари за сите играчи. 90 минути не делат од исполнување на сонот кој го имаме од деца, нашиот сон, сонот на цела нација. Ова е шанса која не смееме да ја испуштиме, да изгинеме на терен за да се најдеме во Катар.
– Ова ќе биде поразличен меч од оној со Италија, сметам дека Португалија индивидуално е поквалитетна од Италија, а истовремено станува збор за финале. Сега нема да не потценат, иако јас би сакал да биде така. Ова е финале, не делат 90 минути до пласман на Светско првенство, – изјави Елмас.