Јирген Клоп го имаше 1000. натпревар како тренер во својата кариера, натпревар на кој не се израдува на победа со оглед на тоа што неговиот Ливерпул ремизираше со Челси (0-0) на пресметката на „Енфилд Роуд“.
Овој резултат не беше посакуван од двете екипи со оглед на тоа што приоритет беше да се забележи триумф и со тоа да се намали разликата кон местата кои водат во ЛШ во наредната сезона. Сепак тоа не се случи, но Клоп ќе го памети овој натпревар особено ако се земе во предвид и тоа што легендарниот сер Алекс Фергусон му посака добредојде во „клубот 1000“.
-Воодушевен сум што можам да му посакам добредојде на Јирген Клоп во клубот ЛМА 1000. Јирген е несомнено еден од најнадарените менаџери во светскиот фудбал, посветеноста и страста што Јирген ги носи во улогата се инспиративни за секој што сака кариера во фудбалскиот менаџмент. Многуте трофеи што веќе ги има освоено во кариерата, вклучително и во последните сезони Лигата на шампионите и Премиер лигата со Ливерпул, го потврдуваат неговиот статус меѓу фудбалската елита, -порача Ферги.