Финалниот натпревар од минатогодишното издание на шпанскиот фудбалски куп меѓу баскиските ривали Атлетик Билбао и Реал Сосиедад, што поради пандемијата на коронавирус беше одложен за годинава, ќе се одигра на 3 април во Севиља пред празни трибини, соопшти денеска официјално Фудбалската федерација на Шпанија (RFEF).
Одлуката на шпанските фудбалски власти доаѓа ден откако радиото „Cadena SER“ објави дека финалето ќе се игра во присуство на 15.000 гледачи на стадионот „Ла Картуха“ со капацитет од 60.000 седишта.
-Моменталната епидемиолошка состојба и ограничувањата кои се на сила, односно затворените граници на покраината Андалузија, значат дека навивачите на двата финалисти, кои не живеат во тоа подрачје нема да можат да дојдат на натпреварот. Поради тоа, во согласност со Министерството за здравство, донесовме одлука натпреварот да се игра без публика, соопшти RFEF. (МИА)