Реал Мадрид нема намера да прави „бура“ во самата завршница од преодниот рок и воопшто нема да преговара со ПСЖ за трансферот на Килијан Мбапе. Мадридскиот весник „Ас“ пишува дека ова е одлуката на последниот состанок меѓу претседателот Флорентино Перез и тренерот Карло Анчелоти, при што било решено дека „кралевите“ не треба да влезат во пазарење со францускиот првак, кога следното лето би можеле без никаква отштета да го доведат Мбапе на „Сантијаго Бернабеу“.
Планот на Реал отсекогаш бил потпис со Мбапе од 2024 година, но ова беше нарушено со неочекуваното заминување на Карим Бензема во Саудиска Арабија. „Кралевите“ останаа без класична „деветка“ со исклучок на Хоселу, Перез ги разгледал опциите на пазарот, но веќе станува јасно дека првиот човек на Реал нема намера да троши богатство летово, чекајќи догодина да го донесе својот „џек-пот“ во Мадрид.
Тој ги разгледувал опциите за едногодишна позајмица на неколку врвни голгетери, сите обиди биле експресно одбивани од нивните клубови, па Перез решил да не брза. Впрочем, тој во тимот ги има Винисиус и Родриго како напаѓачи, а за следната година е договорен и трансферот на бразилскиот суперталент Ендрик, кој ќе дојде во Мадрид веднаш штом стане полнолетен.
Јасно е дека ќе недостига искуство во нападот, но Флорентино нема намера да троши богатство на играч што следното лето не би бил загарантиран првотимец (кога во тимот би дошол и Мбапе), па Перез е решен дури и да се коцка со пласманот сезонава, за следното лето да формира вистински дрим-тим во Мадрид.
Со друг тренер на клупата, бидејќи Карло Анчелоти останува во Реал уште сезонава, а потоа заминува на функцијата селектор на репрезентацијата на Бразил.