петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Француската полиција упадна во домот на претседателот на ПСЖ

Француската полиција упадна во домот на претседателот на ПСЖ

Француската полиција упадна и изврши претрес во домот на претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи. Судот издал наредба за претрес поради обвиненија за киднапирање, незаконско приведување и малтретирање на лобист со француско-алжирско потекло.

Претресот бил извршен од страна на судската полиција, а целиот случај започнал во јануари 2020 година, кога лобистот Тајеб Бенабдерахман бил наводно киднапиран и испрашуван од катарската полиција за одредени документи кои се компромитирачки за претседателот на ПСЖ. Тој бил приморан да потпише договор со кој се обврзува дека никогаш нема да ги сподели документите со јавноста, а потоа му било дозволено да го напушти Катар.

Минатата недела беше извршен претрес и во домот на градоначалникот на седмиот париски квартал, Рашида Дати, а медиумите шпекулираат дека и овој настан е директно поврзан со пријавата што ја поднел Бенабдерахман. Адвокатите на Насер Ал-Келаифи одбија да ја коментираат случката и само изјавија кратко дека „судот направил голема грешка“.

Сè уште не е познато колку претседателот на ПСЖ бил директно вмешан во киднапирањето и нелегалното приведување на лобистот, но француските медиуми пишуваат дека истрагата ќе биде спроведена до самиот крај, по што ќе се знае дали против него ќе започне судски процес. Насер Ал-Келаифи и порано беше поврзуван со низа скандали, но тој секогаш успеваше да ги „затвори“ овие случаи без никакви конкретни последици за него.